|
Проценета на повеќе од 100.000 евра, рачно изработената книга за животот и делото на ренесансниот уметник Микеланџело, од Италија пристигна во јавната библиотека во Њујорк.
Најскапата нова книга на светот која тежи скоро 30 килограми, од следниот вторник ќе се најде пред очите на јавноста. Корицата на книгата "La Dotta Mano" е направена од бел мермер, од омилениот каменолом на Микеланџело - "Carrara". За прицврстувањето на страниците е користено црвено кадифе, рачно изработено во италијанска продавница која ги снабдува њујоршката Метрополитен опера и миланската Скала. Хартијата за книгата се купува во најстарата фабрика во Италија, од каде Пикасо се снабдувал со хартија за своите дела. За трајноста на книгата не треба посебно да се говори, само ќе споменеме дека таа има гаранција од 500 години! Во книгата се наоѓаат фотографии од цртежите и скулптурите на Микеланџело, а текстот е дело на Џорџо Васари, биограф на италијанскиот уметник. Есеите во книгата се напишани од директорот на ватиканскиот музеј - Антонио Паолучи. За изработка на секој примерок од овие вредни книги, потребни се 6 месеци, бидејќи се користат уметнички вештини од ренесансниот период. Една копија од оваа книга е подарена на њујоршката библиотека, а повеќе од 20 се веќе продадени.
|