|
Блокот на екстремно десничарските партии во Европскиот парламент се распадна, откако петмина романски европратеници ја напуштија групата, во знак на протест поради говорот на италијанската европратеничка Александра Мусолини, што тие го нарекоа „ксенофобичен", јави Би-Би-Си.
Мусолини, која е внука на италијанскиот фашистички диктатор Бенито Мусолини, ги опиша Романците како луѓе на кои „кршењето и непочитувањето на законот им е во навика“. Нејзиниот говор дојде во моментот кога Владата на Италија спроведува акција за протерување на романски граѓани од својата територија, во која досега се депортирани 20 лица. Според Би-Би-Си, по повлекувањето на петмината романски европратеници од националистичката Пратија Голема Романија (ПРМ), екстремистичкиот блок партии што делуваше во рамките на Европскиот парламент остана без потребното мнозинство од 20 пратеници за да може да постои и делува како посебна парламентарна група. Блокот беше создаден во јануари годинава, веднаш по влегувањето на Романија и Бугарија во Европската унија, кога во Европарламентот влегоа и пратениците од тамошните крајнодесничарски партии ПРМ и Атака. Романската крајна десница е гневна на италијанските власти и е навредена од забелешката на европратеничката Мусолини, иако Партијата Голема Романија важи за националистичка и води постојана кампања за дискриминација на романските Роми, кои се најголем дел од протераните романски државјани од Италија. Веста за распадот на крајно десниот блок беше поздравен со аплауз од европските пратеници во Стразбур, наведува Би-Би-Си.
|