|
Вака треба да изгледаат хотелите на светски познатите брендови „Шератон“ и „Калифорнија ресорт“ во македонскиот Лас Вегас, во близина на граничниот премин Богородица. Брендот на „Шератон“ го откупила турската компанија „Принцес“, која веќе има одобрение за градба на хотел со казино.
Во хотелско трговскиот комплекс на „Калифорнија ресорт“, ќе инвестира австралиски бизнисмен со грчко потекло. Словенечката „Терма Олимија“ е новото инвестиционо име во бањскиот туризам. Трите инвестиции тежат вкупно 100 милиони евра, а ќе обезбедат нови 1.000 работни места. Како локалната власт го реши проблемот со земјиштето, каде треба да се градат хотелските комплекси? „Бидејќи се судривме со проблем, како да се дојде до државно земјиште, еден дел од инвеститорите веќе поседуваат, купија приватно земјиште и на тие локации се врши урбанизација“, изјави Драги Делев, градоначалник на Гевгелија. Низ македонската јужна порта годишно транзитираат околу 4 милиони патници. Сегашниот хотелски капацитет од 700 легла е недоволен да ги задоволи потребите на гостите, меѓу кои најбројни се Грците. Околу 5.000 од нив неделно го полнат гевгелиските казина и ресторани.
|