|
Хашките досиеја од пред неколку дена ги чува в.д. амбасадорот во Холандија Шпреса Јусуфи. Таа не кажува дали четирите големи кутии со материјалите за „Липково“, „Раководството на ОНА“, „Градежните работници на Маврово“ и „Непроштено“ се уште се во амбасадата или ги пренесувала на друго место.
Од МНР велат дека нема опасност некој да ги отвора или да исчезне некој материјал. Очекувале деновиве да ги преземат курири од Дирекцијата за класифицирани материјали, по што ќе биле предадени на Правда, а оттаму во Јавното обвинителство. Министерот за правда потврдува дека досиејата се во македонската амбасада. „Предметите се наоѓаат, мислам дека се предадени на нашата амбасада во Хаг и тие согласно законот на Република Македонија за постапување со класифицирани информации и согласно законот за соработка со Хашкиот трибунал, ќе бидат донесени во Република Македонија и предадени на надлежниот јавен обвинител“, рече Михајло Маневски, министер за правда. Јавниот обвинител Љупчо Шврговски ги очекува предметите, но не знае во каков облик се предадени и што е преземено по секој од нив. Тој вели дека во рок од 30 дена, доколку е завршена истрагата, Обвинителството треба да се произнесе дали ќе покрене истрага за некој од предметите. Ако не се завршени истрагите, тогаш тој рок не важел. Хаг чекаше за сите барања на Македонија, но не и за трансферот на предметите да се одвива последователно еден по еден, со консултации и разговор на македонските и хашките обвинители. Четирите кутии ги однесе до вратата на македонската амбасада во Хаг.
|