Македонија сериозно да размисли за учество во проектот Белене. Претседателот Црвенковски за А1 вели дека во енергетскиот сектор отсуствува било каква стратегија што може да предизвика долгорочни последици за земјава.
Имајќи ја предвид ограниченоста на енергетските капацитети и лимитираните ресурси од јаглен, претседателот Црвенковски во неколку наврати излезе во јавноста со иницијатива земјава да учествува во изградбата на „Белане“ или да направи обиди за земање под концесија на дел од потенцијалите на јаглен на Косово за потребите на РЕК „Битола“. За жал, досега од Владата на РМ нема никаква реакција, потенцира Црвенковски, посочувајќи дека повеќепати ги повикувал сите Влади, парите од продажбата на ЕСМ да ги употребат за инвестирање во енергетски капацитети. Владата вели се чека официјална покана од Бугарија за учество во проектот „Белене“. „Досега не сме добиле ниту понуда, ниту било каков документ врзан со можности за македонско учество во Белене“, вели Ивица Боцевски, потпретседател во Владата. Менаџерите на „Белене“ преку А1 порачаа Македонија навреме да закупи струја за да избегне енергетска криза. Да не се одбива од прва идејата за учество во Белене, објаснуваат експертите. „Убава е понудата затоа што кој ти нуди нуклеарна централа во друга држава? Прво тој терет го тргате на страна и некој друг ја презема таа одговорност, околу заштита, радијација и сите тие работи“, рече Антон Чаушевски, универзитетски професор. Централата ја гради бугарски „Нек“, а стратешки инвеститор е германската компанија РВЕ со 49 проценти од сопственоста.
|