Дома Вести Усогласени забелешките
|
|
Усогласени забелешките |
|
Македонија вчера ги усогласи ставовите и забелешките на најновиот предлог на Метју Нимиц за името, но тие нема да бидат соопштени зашто најнапред треба да ги види посредникот на ООН. Таков бил договорот постигнат на лидерската средба што вчера зад затворени врати се одржа во Клубот на пратениците.
На четиричасовната средба присуствуваа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и на ДУИ - Никола Груевски, Радмила Шекеринска, Мендух Тачи и Али Ахмети, како и претседателот Бранко Црвенковски, при што било заклучено преговорите да продолжат, но дека македонската страна има забелешки на предлогот.
- Деталите не би можел да ги соопштам затоа што договорот е истите да му бидат предочени на медијаторот Нимиц. Во секој случај сметам дека имаме добри аргументи, изградени ставови за, против, како и аргументи кои ќе отворат понатамошни дискусии за овој процес - рече Милошоски.Се очекува амбасадорот Никола Димитров забелешките лично да му ги предаде на Нимиц. Според грчки извори, не се исклучува можноста во Њујорк да почнат интензивни преговори предводени од министрите за надворешни работи на двете земји, Милошоски и Дора Бакојани.Во меѓувреме, првпат откако на Грција и на Македонија им ја достави предлог-рамката за решавање на спорот се огласи и медијаторот Нимиц во интервју за грчкиот весник „Катимерини“.„Се обидувам да бидам објективен и да држам еднаква дистанца“, изјави тој и истакна дека е против спроведување референдум и во двете држави за проблемот со името. Според него, тоа е лесен начин да се донесе тешко решение.Слабата точка во преговарачката динамика помеѓу Македонија и Грција, која може да биде на штета на Македонија, сега е факторот време, предупредува европски дипломат, во изјава за „Дневник“.
- Последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц е американска идеја да се избегне грчко вето за поканата за членство на Македонија во НАТО на самитот во Букурешт. Затоа, во овој момент е најважно двете страни да испратат сигнали дека прифаќаат да ги продолжат преговорите, а временскиот рок за нивното траење е единствениот проблем што ќе треба да се решава на наредната рунда - смета дипломатот запознаен со проблематиката и динамиката на спорот.
- Може да се случи Грција да инсистира преговорите да завршат во рок од, на пример, две недели или рок што би бил фиксиран пред самитот во Букурешт. Тоа за Македонија не може да биде прифатливо бидејќи ќе и' треба повеќе време за преговори. Во тој случај речиси со стопроцентна сигурност може да се тврди дека се движиме кон вето во Букурешт - тврди овој висок дипломат.
Според него, зборовите на премиерот Караманлис за вето не се само реторика.
- Грчкиот премиер не се плаши од забелешките на Вашингтон, така што вие не смеете целата надеж за покана да ја црпите од американската поддршка. Тоа дури би му било и добредојдено на внатрешнополитички план и затоа Македонија мора да знае дека сега, доколку дипломатската игра не биде вешто изиграна, ветото е сосема извесна опција - вели нашиот извор.Според друг дипломат во Брисел, со проблематизирање на точката 8 од предлогот на Метју Нимиц, Македонија се дефокусира од клучниот проблем, кој всушност се наоѓа во точката IX.
- Точката 8 воопшто не го исклучува користењето на „Македонија“ и „македонски“ во Македонија, ниту, пак, исклучува употреба на термини „македонски јазик“ или „македонска нација“ затоа што е непрецизна. Иста точка, ако добро сум информиран, се наоѓала и во неколку од претходните предлози на Нимиц - вели нашиот извор. Тој смета дека „македонски јазик“ и „македонска нација“ може да се подведат под членот 8 што значи дека Македонија може да ги користи овие термини или, пак, треба да се инсистира на нова точка за јазикот и нацијата кои се значајни за македонскиот идентитет.
Сигурно е, според изворот, дека точката 8, вака формулирана, не ја исклучува употребата на овие термини, но тоа не значи дека Македонија не треба да побара нова точка која ќе биде прецизна.
Нашиот соговорник не разбира, исто така, зошто во Македонија никој не гледа дека тоа за што навистина треба земјата да се вооружа во преговорите е точката IX, која бара националното право да се смени за да се применува идната резолуција на СБ на ОН, што всушност значи промена на македонскиот Устав. Мариела Трајковска,Светлана Јовановска
|
|
|
|
|
|

|
|
Временска прогноза
| Ohrid: |  | 0°C 1019mb |  calm km/h |
| | Skopje: |  | -5°C 1023mb |  calm km/h |
| | Bitola: |  | 0°C 1019mb |  calm km/h |
| | Prilep: |  | 0°C 1019mb |  calm km/h |
| | Stip: |  | -5°C 1023mb |  calm km/h |
| | Gevgelia: |  | 4°C 1023mb |  calm km/h |
|
|