|
Васил Тупурковски е обвинет за осум случаи во кои ја злоупотребил службената положба. Ќе му се суди за тајванските кредити, кои како директор на Агенцијата за обнова и развој им ги доделил на следниве фирми: „Алмако вино био“, „Пикон“, „Интер унија“, „ИФВ“ од Кавадарци, „Био“ од Охрид, како и за кредитите на три живинарски фарми: „Породин“, „Дихово“ и живинарската фарма од Гевгелија. Обвинителството, како што вчера објави А1, за злоупотреба на функцијата го товари и заменикот на Тупурковски, Јован Андонов Реган. Тој ќе одговара за финансиски малверзации во еден случај.
„Кривичната пријава против двајцата поранешни директори е поднесена во 2005 година од страна на МВР поради основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувањата, односно осомничени се дека злоупотребиле дел од тајванските кредити коишто беа наменети за РМ“, изјави Иво Котевски, портпарол на МВР. Овие двајца директори не се единствени од Агенцијата за обнова и развој за кои МВР отвори истрага, како ја трошеле тајванската милијарда. Освен за Тупурковски и Андонов, кривични пријави се поднесени и за нивните наследници Антони Биков и Сашко Станинов. „Во сите пет случаи станува збор за различни злоупотреби, односно за различни суми на пари со коишто е оштетен буџетот на државата“, додаде Котевски. Првата кривична пријава за директорите од Агенцијата е поднесена за Станинов уште во 2003 година, но за него обвинителството се уште води истрага. На обвинителна клупа први ќе седнат Андонов Реган и Тупурковски. Екс лидерот на ДА е креатор на проектот Тајван, кој во Македонија беше препознатлив и како „Милијардата на Циле“.
|