Веднаш по добивањето на мандатот, Груевски ги започна консултациите со лидерите на ДУИ и ДПА, Мендух Тачи и Али Ахмети. Тачи побара оставка од претседателот на ДИК, Јован Јосифовски, за што рече дека разговарале и со Груевски. Во однос на тоа дали постојат шанси на двете партии на Албанците да им биде понудено да бидат дел од идната Влада, Тачи рече дека одлуката ќе ја донесе мандатарот. Тој, сепак, потенцира дека партиските тела на ДПА ќе решат за тоа дали ако има таква понуда ДПА би се нашла во иста влада со партијата на Ахмети.
Претседателот Бранко Црвенковски вчера му го врачи мандатот за состав на новата Влада на премиерот Никола Груевски. Како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, партија која на парламентарните избори освои најголем број гласови, Груевски од вчера, во наредните дваесет дена до Собранието треба да го достави предлогот за владиниот кабинет. Петнаесет дена потоа, претседателот на Собранието свикува седница на која се избира новата Влада. Веднаш по добивањето на мандатот, Груевски ги започна консултациите со лидерите на ДУИ и ДПА, Мендух Тачи и Али Ахмети. Од исходот на разговорите со Тачи и Ахмети ќе зависи која од партиите на Албанците ќе партиципира во новата македонска влада. - Сега имам 20 дена за составување на новиот владин кабинет и за консултации со политичките партии. По тие 20 дена предлогот за составување нова влада треба да го испратам до Парламентот и во уставните рокови да дојде до избор на Влада. Новата влада ја очекува многу работа, остварување многу проекти, многу труд, многу енергија и многу успеси понатаму, изјави Груевски, не можејќи да предвиди дали ќе го искористи последниот рок за состав на Владата. Лидерот на ДПА Мендух Тачи побара оставка од претседателот на Државната изборна комисија Јован Јосифовски, обвинувајќи ја комисијата дека е виновна за тоа што гласовите на 85 проценти од гласачки места се поништени без аргументи. Тоа може да биде и услов за пратениците на ДПА да присуствуваат на собраниските седници. По средбата во Владата изјави дека со Груевски постигнале согласност за некои прашања, а за останатите ќе се формираат комисии на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА кои ќе работат на надминување на разликите. Груевски и Тачи разговарале и за проблемот со името со Грција за кој лидерот на ДПА има поинаков став од оној на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. - За некои се согласивме, за некои теми имаме несогласувања, а за некои прашања сме многу далеку. Интегративните процеси, членството во НАТО и во ЕУ, како и решавањето на спорот со Грција се прашањата за кои постои согласност. Од наша страна ќе направиме се да се дојде до решение за спорот со името со Грција. Но, по никоја цена тоа решение не смее да задира во идентитетот на македонскиот народ. Секој што бара да се промени идентитетот на една нација влегува во стара политика. Разговаравме претседателот на ДИК да даде оставка и да излезе пред органите на правдата, рече Тачи. Во однос на тоа дали постојат шанси на двете партии на Албанците да им биде понудено да бидат дел од идната Влада, Тачи рече дека одлуката ќе ја донесе мандатарот. Тој ги оквалификува ДУИ како криминална група и потенцира дека партиските тела на ДПА ќе ја донесат одлуката за тоа дали ако има таква понуда ДПА би се нашла во иста влада со партијата на Ахмети.
|