|
Потерница по Владислав Тамбурковски распиша денеска полицијата, но наместо во странство, ќе го бара во земјава, иако тој веќе две години живее во Бугарија. Пред месец и пол А1 го пронајде поранешниот стечаен управник на Топилница „Експорт-импорт банка“, „Газела“ и „ФАС“, во Благоевград, соседна Бугарија. Човекот кој во Македонија е осудуван за финансиски малверзации, станал професор по стечај на Американскиот универзитет во Благоевград.
И наместо да распишат меѓународна потерница и да обезбедат негова екстрадиција, македонските власти по трет пат ќе го бараат со локален налог. Доцна попладнево судијата Нечев потврди дека побарал од полицијата да распише потерница, но каква ќе биде таа - меѓународна или домашна, ќе одлучела полицијата, вели Нечев. Од полицијата топката ја префрлаат во судот, истражниот судија бил тој кој го одредувал видот на потерницата. „Секторот за внатрешни работи Велес, денеска од Основниот суд во Велес доби наредба за распишување на централна потерница против лицето Владислав Тамбурковски, поради тоа што му е изречена мерка притвор во времетраење од 30 дена, поради основано сомнение дека сторил две кривични дела - даночно затајување и злоупотреба на службената положба о овластувањето“, изјави Иво Котевски, портпарол на МВР. „Доколку не биде пронајден МВР ќе го извести Основниот суд во Велес, од кого очекуваме понатаму да издаде наредба за распишување и на меѓународна потерница по Владислав тамбурковски“, додаде Котевски. Владислав Тамбурковски веќе има две затворски пресуди од пет и пол години. Во отсуство е осуден за финансиски малверзации и во Велешка топилница. Во меѓувреме трае неговата академска кариера во Бугарија. Ректоратот на универзитетот знае за неговото минато, но додека пресудите не станат правосилни, тој за нив е невин. Завчера полицијата му поднесе нова кривична пријава за затајување данок и злоупотреба на службената положба. Ако го најде ќе го стави во притвор, за да го обезбеди неговото присуство на обвинителна клупа.
|