|
Владата и ЕСМ влегоа во отворен судир околу новиот концепт за енергетика. Австријците од ЕВН со сериозно предупредување, струјата ќе поскапи за 16%, а Македонија ќе биде тужена на меѓународен суд, доколку Парламентот го прифати предлогот на Чингоски и ги изгласа измените во законот за енергетика.
Законот е дискриминирачки и спротивен на меѓународниот договор потпишан меѓу Македонија и Австрија во 2002 година. „Доколку ги погледнете одредбите на договорот ќе видите дека има одредба, дека доколку странскиот инвеститор смета дека се повредени одредбите на овој договор може да активира механизам којшто би завршил во една од неколкуте коишто се можни меѓународни судски постапки“, изјави Гинтер Офнер, директор ЕВН Македонија. ЕВН се жали дека не може да си ги наплати сметките. Во истовреме велат, дека е можно да се случи селење на инвестициите во другите земји од регионот. Принципиелен е проблемот, со ова не се праќа добра порака на другите инвеститори, тврди Офнер. Експресен одговор од Владата. Македонија ќе го тужи ЕВН, заради тоа што не ги почитувал условите од купопродажниот договор. Тврдат, ЕВН не инвестирал толку колку што се обврзал. „ЕВН во континуитет ја напаѓа оваа Влада и очигледно е дека тие не се чувствуваат комфорно, затоа што ветувањата што им биле направени претходно, не им се исполнети од страна на претходната Влада, она што им било ветувано“, вели Зоран Ставревски, потпретседател на Владата. „Ние имаме коректен пристап и сметаме дека тие се партнер на оваа земја и треба да останат на долг рок во оваа земја и подобро им е да се зафатат со инвестиции и да ги реализираат ветените инвестиции и да не се грижат за имиџот на оваа Влада, затоа што имиџот на оваа Влада е потврден од страна на Светска банка и на сите релевантни меѓународни институции“, додаде Ставревски. Владата тврди, дека цената на струјата нема да се покачи, зашто за тоа одлучува Регулаторната комисија, а не австријците од ЕВН. Вицепремиерот тврди дека реакцијата на ЕВН е чисто профитерска. Додека владата и ЕВН си ги расчистуваат сметките, граѓаните се во исчекување, дали на крајот тие ќе мора од свој џеб да платата за оваа војна.
|