Скандал во Демир Хисар. Спортската сала „Јордан пиперката“ што се реновира со буџетски пари на државата и која е наменета за учениците од ОУ „Гоце Делчев“, агенцијата за млади и спорт ја прекрсти, од вчера во Македонија и на ѕидовите ги постави партиските знаци и на ВМРО-ДПМНЕ, сонцето на Вергина и лавот.
Следеа жестоки реакции и од општината, заради непочитување на договорот. „Треба да се опамети централната власт, дека со вакви работи не одиме напред, само можеме да направиме револт кај тие неопределените и луѓето што, нормални, не се членови на таа политичка партија, зошто тој објект е за спортски активности, рекреација на младите во Демир Хисар“, изјави Љупчо Најдовски, градоначалник на општина Демир Хисар. Меѓутоа поголеми се реакциите од училиштето, зашто не сакаат учениците да им спортуваат во сала со партиски обележја. „Тоа е објект кој што треба да биде храм на спортот и во тој дух да ги воспитуваме и градиме нашите млади генерации, но во текот на вчерашниот ден осамнаа тие партиски симболи и лично сметам дека е навреда“, рече Роберт Филиповски, директор на ОУ „Гоце Делчев“ Демир Хисар. Во Демир Хисар, велат, дека обележјата на спортската сала ќе мора да се избришат заради учениците, но и заради бизнисот со грчките партнери кои се заинтересирани да инвестираат во оваа општина.
|