Дома Вести Оставки во уставниот суд
|
|
Оставки во уставниот суд |
|
Уставниот суд го загуби легитимитетот по неотповикливите оставки на претседателот Махмут Јусуфи и на судијата Бајрам Положани, сметаат уставните експерти.
Двајцата вчера поднесоа оставки по контроверзната одлука на мнозинството судии за употребата на знамињата на етничките заедници.
Според експертите, без двајца судии и без судијката Мирјана Лазарова-Трајковска, која в година ќе замине во Стразбур, Судот веќе нема да има легитимитет кога ќе носи важни одлуки. Наместо девет, сите одлуки ќе ги донесуваат шест судии.
- Судот формално може да продолжи да работи, но одлуките што би ги донесол ќе немаат легитимитет. Уставниот суд е премногу важна институција за уставно-правниот систем за да се дозволи само шест судии да решаваат за значајни прашања. Мора итно да се размислува за пополнувањето на Судот, кој дотогаш мора да решава само предмети што немаат голема правна тежина - изјави вчера Светомир Шкариќ, професор по уставно право на Правниот факултет во Скопје.
Еден поранешен претседател на Уставен суд, кој сакаше да остане анонимен, исто така смета дека Судот сега има само формален легитимитет.
- Преостанува двајцата судии што поднесле оставки да продолжат да работат до изборот на нови судии, бидејќи Судот мора да функционира - рече тој.
Во образложението на оставката досегашниот претседател на Уставниот суд Јусуфи посочи дека причината е „мајоризацијата при гласањето за укинување делови од Законот за употребата на знамињата на заедниците“.
- Не сакам моето име, презиме и потпис како претседател на Судот да стојат на една таква одлука. Нема да потпишам таква одлука - соопшти Јусуфи, кој беше избран за судија во 2004 година по предлог на тогашното владејачко мнозинство во Собранието.
Судијата Положани образложи дека неговата оставка е протест поради начинот на кој е донесена спорната одлука. Тој стана уставен судија по предлог на поранешниот шеф на државата Борис Трајковски.
Судиите што останаа во Уставен суд вчера одржаа седница на која биле „известени за оставките на Јусуфи и на Положани“.
- Жално е што никој не кажа дека не е прифатливо непочитување одлука на Уставен суд. Одлуката не значи симнување на знамињата, туку дава можност за истакнување на знамињата на сите заедници во општините - соопшти вчера Судот.
Судиите не соопштија кој ќе раководи со Судот и ќе ја потпише одлуката за знамињата. Според Деловникот на Судот, претседател на судот се избора со гласови на шест судии. За да може да оддржи седница, потребно е присуство на пет судии, а за предметите за кои треба двотретиснко изјаснување на судиите е потребно да присуствуваат шест судии. Уставот предвидува неговите девет члена да ги избира Собранието. По два члена предлагаат шефот на државата и Републички судски совет, а петмина Собранието. Од вкупниот број судии шест се избираат со мнозинство гласови на пратениците, а тројца со Бадентеровиот принцип. ДУИ и ДПА бараат примена на Бадентеровиот принцип и при одлучувањето во Уставниот суд.
|
|
|
|
|
|

|
|
Временска прогноза
| Ohrid: |  | 0°C 1019mb |  3 km/h |
| | Skopje: |  | -5°C 1023mb |  calm km/h |
| | Bitola: |  | 0°C 1019mb |  3 km/h |
| | Prilep: |  | 0°C 1019mb |  3 km/h |
| | Stip: |  | -5°C 1023mb |  calm km/h |
| | Gevgelia: |  | 4°C 1023mb |  calm km/h |
|
|