|
Во жестоки дуели, тропање по масите и дофрлања, власта и опозицијата се обвинуваа за синоќешното каменување на грчкиот конзулат. За опозицијата власта потфрлила во заштита на странските амбасади. За Власта, пак, партиското обезбедување и симпатизерите на СДСМ се креатори на инцидентите. „Кога во една држава како што е нашата и институциите на системот, МВР и удира нож во грб на својата држава и на нејзините интереси, е тоа веќе е велепредавство“ изјави Радмила Шеќеринска, претседател на СДСМ.
„Господин Премиер кажете ни дали е ова планот „Б“ кој го подготвувате и кој што го најавувате неколку недели за да се спасите од катастрофалните резултати од вашата политика, за да го покриете фактот дека Македонија никогаш не добила толку лош предлог за името“, додаде Шеќеринска. „Непријатно е за државата, не за вас. Непријатно е за државата што се зборува дека во тие групи имало и луѓе кои што биле во некои партиски обезбедувања. Тоа е лошо за земјата, што се инволвирани луѓе од партиско обезбедување“, изјави Никола Груевски. Лидерката на СДСМ Шеќеринска побара од министерката за внатрешни, Јанкуловска да ги презентира доказите за обвинувањата, дека иницијаторите на инцидентите се партиски луѓе. „МВР не води евиденција на членството на политичките партии, меѓутоа согласно реакциите на одредени политички партии, кои во минатото во слични прилики и ситуации кои се однесуваат токму на истата толпа на лица, бара сопартиски дописи, МВР да ги извести дали лицата учествувале“, рече Гордана Јанкуловска, министер за внатрешни работи. Опозицијата го повика Груевски да ја разреши министерката Јанкуловска, бидејќи по вторпат МВР не спречила обид за напад на странски амбасади. Сите парламентарни партии ги осудија синоќешните инциденти.
|