|
До петок НСДП ќе знае дали останува дел од власта или си заминува во опозиција. По оставката на министерката за економија Вера Рафајловска се заладија односите во владината коалиција. Економија останува празно. НСДП си го бара, додека од премиерот Груевски нема никаков сигнал дека партија на Петковски, од која веќе си заминаа двајца пратеници, се уште може да раководи со тој ресор.
На последната средба меѓу Петковски и Груевски, лидерот на НСДП ги барал назад сите државни функции кои заминаа во ВМРО-ДПМНЕ заедно со пратеничката Мирјана Секуловска и охридскиот огранок на НСДП. „Ако тоа не се реализира, тогаш сме беспредметни, односно нема партнерство и треба да сочекаме до тој период Премиерот да го каже своето“, рече Иван Анастасовски, потпретседател на НСДП. НСДП инсистира на почитување на постигната распределба на власта со Груевски во времето кога се формираше Владата. Судирот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и НСДП се заостри по кривичната пријава за државниот секретар во одбрана Лилјана Стериовска, којашто се смета за близок човек на Петковски. Потоа Петковски возврати со барање за морална оставка на министерот за одбрана Еленовски. Но, не само НСДП има празни места во владиниот кабинет. Веќе подолго време и ПДП чека на дозвола од Груевски за да го именува испразнетото министерско место локална самоуправа. И ДПА веќе подолго време е без втор човек на МВР по оставката на Рефет Елмази. Груевски досега ниту еднаш не се произнесе во јавноста зошто и по неколку месеци се уште чека со пополнување на испразнетите места. Најновите информации од владиниот кабинет сепак велат дека до крајот на март планира да го докомплетира својот кабинет. И покрај многубројните шпекулации, останува нејасно дали партнерите ќе разменат некои од владините ресори.
|