|
Над стотина функционери на владината ДПА поднесоа оставка пред партиското раководство.
На ваков чекор, министрите, пратениците, како и директорите на јавните претпријатија и другите државни институции се одлучија, откако синоќа во Тетово од нив тоа го побарал партискиот лидер Мендух Тачи. Наводно, причина за ваквиот чекор лежи во лошиот рејтинг на партијата која, според последната анкета на ИРИ, има двојно помал рејтинг од опозиционата ДУИ. Првичната реакција на партијата беше дека не ги признаваат овие резултати, но по синоќешната одлука на партиското претседателство очигледно дека вината почна да ја бараат и во сопствените редови. Од сите поднесени оставки, за тоа кои ќе бидат прифатени а кои не, ќе одлучи партискиот лидер. За ваквата одлука, денеска молк во ДПА. „Најверојатно ќе има прес конференција, јас не сум тука во името на партијата да објаснувам“, изјави Имер Селмани. Без коментар се и во владата на Македонија. „Премиерот и лидерот на ДПА Мендух Тачи се во редовна комуникација, обврзана со секојдневното работење на владата и на парламентарното мнозинство. За конкретниов случај сепак нема да се изјасниме и нема да коментираме како Влада на РМ“, рече Ивица Боцевски, портпарол на Влада. Но, дали преку овој чекор владината коалиција влегува во криза. Новите социјалдемократи немаат сознанија за незадоволство од партнерувањето на ДПА во владата. „Сигурни, ако еден од коалиционите партнери не е задоволен со правилата на игра или со третманот, ако сакате и статусот во владата, тој може тоа легитимно да го постави. Јас можам да ви кажам дека ДПА досега тоа не го побарала ниту од НСДП, а дали побарале од ВМРО и од премиерот, за тоа немам информации“, вели Тито Петковски, НСДП. Лидерот на НСДП е задоволен од рејтингот на сопствената партија, но не и со некои партиски предвидувања за тоа која партија колку пратенички места би добил, доколку утре би се одржале изборите. „Според оваа симулација што ја прават некои медиуми, ДУИ треба да добие 20, ДПА треба да добие 14 пратеници со 5% поддршка, НСДП треба да добие 2 мандата со 2% поддршка, тоа се ординарни неточности“, додаде Петковски. Петковски рече дека е подготвен и за предвремени избори, доколку за таков чекор се одлучат коалиционите партнери. Но, дали ова е крајната цел на поднесените оставки во ДПА, или тоа е знак за нарушени односите меѓу владините партнери. Во меѓувреме, во јавноста се шпекулира и за можни партиски поместувања во владините ресори, но сепак со нивниот официјален став за ново настанатата ситуација ДПА најави дека ќе излезе утре пред јавноста.
|