|
Македонија оствари напредок во економските реформи, но се’ уште е неопходен напредок во исполнувањето на политичките критериуми, стои во извештајот во кој не се препорачува определување датум за почеток на преговорите за членство во европското семејство.
Амбасадорот Ерван Фуере не гледа оценка во извештајот, туку препорака како да се стигне до целта, европско полноправно членство:
-„Не го оценувам извештајот како негативен, тоа е објективна проценка на напредокот и областите во кои е постигнат и во исто време ги потенцира областите во кои е потребно повеќе работа“,-истакна амбасадорот Фуере и додаде: -„Колку побрзо се заврши таа работа, колку побрзо реформите се усвојат и применат, толку побрзо ќе можеме да дојдеме до следната фаза, а тоа е препорака за датум за членство.“ Македонскиот премиер Никола Груевски го оцени извештајот како реален, истакнувајќи притоа дека позитивните оценки во него се однесуваат на работата на власта. Груевски го истакна напредокот во борбата против корупцијата и економскиот развој: -„Во области во кои порано имаше слабости сега има прогрес, како економијата и економскиот развој или пак борбата со корупцијата и криминалот, работи за кои Владата можела сама да дејствува без да зависи од опозицијата или од други фактори во државата“- истакна Груевски. Опозиција Македонија ја изгуби предноста која ја имаше во споредба со другите земји во регионот, а најголем виновник за лошиот извештај од Европската комисија е Владата, е ставот на опозицијата: -„Можеби требаше да бидеме погласни во убедувањето на позицијата дека помошта која ја нудиме навистина е конструктивна“, вели Јани Макрадули потпретседател на опозициската СДСМ. -„Сите сносиме одговорност, но одговорноста треба да ја сноси позицијата бидејќи тие ја менаџираат власта и ги имаат сите механизми“, додава Рафиз Алити потпретседател на ДУИ. Амбасадорот Фуере доцна попладнево му го претстави извештајот на македонскиот претседател Бранко Црвенковски. Ставот од кабинетот на претседателот е дека на Извештајот треба да се гледа како на поттик за мобилизација на сите сили за решавање на наведените слабости. Амбасадорот Фуере, во тој контекст упати порака до сите политички субјекти во Македонија, дека одговорноста е заедничка на сите политички партии и дека тоа е одговорност на која мора да се одговори. Македонија од декември 2005 има статус земја-кандидат, што е последен чекор до полноправно членство во Европската унија. Оттогаш ова е втор извештај на Европската комисија во кој не се препорачува определување датум за почеток на преговорите.
|