Во Битола се пробудија сеништата од 2001 година. Денеска во раните утрински часови непознати пиромани, со молотови коктели во приближно исто време уништија два дуќани на различни локации во градов.
Најпрво беше запален салонот за санитарни уреди „Плочки-Љупчо 5“, во битолската чаршија. „Очевидци што поминале околу три часот, велат, ништо не било, тоа се случило помеѓу три и пол и четири часот кога започнал и дождот да врне, од прилика“, изјави Љупчо Петковски, сопственик на салон за санитарии. Половина час подоцна на другата страна на градот со два молотови коктели е уништен фитнес-клубот „Вигор“, каде опремата целосно изгоре. „Изутрина околу пет часот, ме известија дека дуќанот гори, не знам од кои причини, фрлил молотови коктели и го запалил. Со никого до сега се немам замерено“, рече Благој Колевски, сопственик на фитнес клуб. Со брза интервенција пожарите беа локализирани, а штетата се проценува на 120.000 евра. Полицијата допрва ќе ги утврдува мотивите и поврзаноста на овие две потпалувања. Во Битола во 2001 година со молотови коктели и други запаливи средства, беа уништени над 19 дуќани и повеќе куќи.
|