|
Со воведување етнички смени во кои поделени ќе учат Македонците и Албанците, кои во училиштата ќе влегуваат низ одвоени влезови, со видео надзор и засилено обезбедување. Вака средношколците во „Нико Нестор“ и „Ибраим Темо“ во Струга ќе се штитат од тепачки и инциденти, кои вчера завршија со двајца повредени ученици и четворица однесени во полиција, по што наставата беше прекината два дена и таа треба да продолжи во четврток.
Средношколскиот двор во Струга денеска остана празен. Ги немаше учениците, кои беа дома, со цел да се смири наелектризираната атмосфера и тензиите што минативе денови доведоа до тепачки. И додека се бараат причините за тепачките, одговорност не понесува никој. Неофицијално се најавува можна смена на директорите на двете училишта Мирјана Докоска и Муса Мусаи, кој пак, целата вина за инцидентите ја фрли на новинарите и медиумите. „Ако пишувате провокативно, и учениците провокативно ќе се однесуваат таму еден кон друг“, рече Муса Мусаи, директор на О.У. „Ибраим Темо“. Како мотив за меѓуетничките тензии во средните училишта во Струга се посочува и прославата на независноста на Косово во училишниот двор минатата недела. Стружани стравуваат од ескалација на немирите и прелевање на инцидентите на улица, поради евентуалната позадина на ученичките тепачки кои овде се повторуваат секоја година децении наназад.
|