Грчко вето за приемот на Македонија во НАТО ќе одекне како атомска бомба на Балканот. Министерот за надворешни работи Милошоски, користејќи ги безбедносните ризици, упати порака до Атина.
Македонската Влада не ги потценува заканите, но е оптимист дека Грција ќе ја преиспита својата позиција и на крајот ќе се откаже од вето. Сепак, доколку се реши на тој чекор, тоа сериозно ќе ја наруши безбедноста во целиот регион. „Да се има право на вето е исто како да се има право на атомско оружје. Дали тоа атомско оружје ќе биде искористено или не, зависи од сериозноста на секоја држава која го поседува тоа право да го има“, рече Антонио Милошоски, министер за надворешни работи. „Сметам дека Грција е една сериозна држава која два пати ќе размисли пред самитот дали би употребила една таква можност, бидејќи штетните последици и за регионот, но и за самиот оној кој би употребил такво право би биле видливи“, додаде Милошоски. Изјавата на шефот на дипломатијата уследи по средбата со македонските амбасадори, на кои им бил презентиран планот за лобирање на Македонија за прием во НАТО, но и контра-офанзивата за името. Амбасадорите ги свика и шефот на државата. Црвенковски констатирал, Македонија не се наоѓа во позиција да избира меѓу име или НАТО. Мора да ги исполни критериумите во најкратко можно време. Македонија ќе продолжи конструктивно да учествува во преговорите за името под медијаторство на Нимиц, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет. Оваа најнова порака на Црвенковски доаѓа непосредно по изјавата на Груевски дека Македонија на некој начин била ставена во позиција да бира меѓу НАТО или името. Македонскиот државен врв веќе излезе со предлог-пакет како да се интензивираат преговорите со Грција. Се предлагаат средби на министерско и премиерско ниво, но и формирање на комитет кој ќе ги разгледува оспоруваните историски прашања.
|