Според соопштението на грчкото МНР, за време на средбата со заменик министерот Валинакис, потсекретарот во мексиканското МНР, Гомез Робредо, ги уверил властите во Атина дека Мексико на земјава се додека траат преговорите за името ќе и се обраќа со референцата ФИРОМ.
Непрецизната формулација во соопштението на грчкото МНР многу наликува на фабрикуваната информација пред три месеци кога Атина најави дека и Панама го смени својот став за уставното име што подоцна беше демантирано. Се уште нема потврда од официјално Мексико сити. Во мексиканската амбасада во Белград, надлежна за Македонија, не слушнале за новиот став на својата Влада, која во последниве неколку недели ја немала на дневен ред темата за примена на уставното име на Македонија. Се јавуваме од А1 телевизија, од Скопје, Македонија. Дали може да ни дадете потврда дека Мексико навистина ја променил својата одлука за признавање на уставното име на Република Македонија? „За жал неможам ништо да ви кажам. Немаме никакви информации. Господинот задолжен за овие работи не е тука. Тој е информиран за ова прашање и околу 18-19 часот попладне, поради временската разлика ќе стапи во контакт со министерството во Мексико. Но ние немаме никакви информации“, рекоа од амбасадата на Мексико во Белград. Дипломатски извори велат дека во обид да ја добие поддршката на Грција, при изборот за непостојана членка на советот за безбедност, би можела да калкулира со употребата на уставното име на Македонија. Сепак во анализите се вели дека како земја која многу често се координира со американската надворешна политика, Мексико нема да си дозволи да се конфронтира со официјален Вашингтон. Мексико е една од 124-те земји кои досега не признаа под уставното име. Неколку месечната кампања на Атина да убеди дел од овие земји да го промени својот став, досега не вроди со плод иако при тоа Атина ветуваше финансиска, политичка и трговска поддршка за тие што ќе се премислат. извор:а1
|