Бошко не е единственото бебе напуштено од своите родители. Две бебиња со тешка срцева мана тивко умираат на Клиниката за детски болести, оставени од родителите кога дознале за нивната болест.
За шестмесечниот Даниел, од неговото раѓање, се грижат докторките и сестрите на Одделението за неонатологија. Му плетат џемпери, му носат облека, пелени, играчки. Фондот за здравство не му овозможил да се оперира во Бугарија, иако Центарот за социјални грижи во Берово обезбедил 20% од сумата. Сега ја дели истата судбина со двомесечно бебе. Тоа нема име, неговите родители ќе се гонат кривично, зашто го оставиле само. До пред еден месец во имало шест напуштени новороденчиња. Оние што успеваат да преживеат завршуваат во Домот за доенчиња во Битола. „Тое најчесто завршуваат азил установи, кадешто се азилираат, што е еден крајно нехуман начин на третман со ови деца и уште една ќе апелирам дека родителите на хендикепираните деца заедно со зедницата, би требало да не се откажуваат од овие деца, бидејќи е крајно нехумано да се откажеш од својот плод којшто си го створил“, изјави Ацо Костовски, директор на Клиниката за детски болести. Лекарите бараат промена на законската регулатива. Да не им се дозволи на родителите да се откажуваат од нивните рожби, ниту да одлучуваат за операција во моментите на шок. На Клиниката за гинекологија само минатата година откриени се 126 бремености со аномалии на плодот. Дваесет бебиња дошле на свет, бидејќи болеста не била навреме откриена. „Еден апел до сите бремени жени, да се јават минимум до 12-та недела на преглед кај гинеколог, да го искористат правото коешто го имаат, а кое и законот им го озвозможува и фондовски е покриен, да го направат првиот тест за да се дознае дали се работи за плод кој е животоспособен, за да не се јавуваат вакви аномалии“, рече Адела Поп Стефанија, директор на Клиниката за гинекологија. Бошко не ја доби втората шанса, иако се работи за живот или смрт, лекарите оставија родителите да одлучат дали ќе се оперира. Но според етичкиот кодекс дилеми нема, најважно е да се спаси животот. Судбината на овие новороденчиња е тешка, нивните млади животи ќе згаснуваат и понатаму, доколку родителите и општеството не им дадат втора шанса и права на живот.
|