Деветчлената група од Кондово, предводена од Агим Красниќи, која завчера беше привдена на падините на Китка, вчера беа изнесени пред истражен судија. Против групата која е на возараст од 19 до 61 година е поднесена кривична пријава која со доказниот материјал вчера е доставена до истражен судија.
МВР против приведените ќе поднесе пријава за злосторничко здружување, спречување избори и гласање, недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, неовластено производство и пуштање во промет наркотички дроги и прекурзори. Според портпаролот на МВР, Иво Котевски, групата завчера, се упатила кон неколку села на планината Китка, за наводно да спречи активисти на ДУИ да полнат кутии за време на изборите. Групата која се превезувала во две возила била спречена од полицијата. Во возила каде се превезувале кондовците било најдено големо количество оружје и муниција и тоа пет пиштоли различни калибри и модели со рамка, поголемо количество на пиштолска муниција, и муниција за автоматска пушка, четири автоматски пушки, 16 рамки со по 30 куршуми, три бомби "кашикари" со запалки, шест гранати за ракетен фрлач, седум паковки со марихуана, радиостаница и радипредавател и разни документи. За групата постои сомнение дека сториле повеќе кривични дела, а постојат сомненија дека се инволвирани и во предизборните инциденти. Во инцидентите, што во неделата беа регистрирани, рече Котевски во поголем дел од средините, со мнозинско етничко албанско население, беа повредени десетина лица. Единствениот посериозен инцидент по завршувањето на гласањето се случил во избирачко место во Сопот, кога избирачкиот одбор бил пресретнат од непознати лица и под закана им бил одзеден материјалот. Во над 30 избирачки места се регистрирани прекини на гласањето и нарушување на избирачкиот процес, појасни Котевски. Од полиција се приведени 28 лица, идентификувани се уште осум и по нив се распишани потерници. Од деветте приведени лица во однос на инцидентот во скопско Арачиново, во кој едно лице загина, а две беа повредени, досега вината е потврдена кај две лица, кои директно пукале кон полициската патрола, изјави Котевски . - Полицијата има сознанија и за инволвираност во инцидентот на уште седум лица од Танушевски, од Скопје и од Арачиново, за кои е распишана потерница. Кривични пријави се поднесени против две лица кои ја започнале вооружената престрелка вчера во ОУ "Даме Груев" на улицата Коста Абрашевиќ" во Чаир, а МВР работи на идентификување на лицата кои учествувале на двете страни во инцидентот, во кој имаше пет повредени граѓани. извор:вечер
|