До Државната изборна комисија до вчера до 17:00 часот не беше пристигната ниту една жалба од политичките партии за изборни нерегуларности. Портпаролот на ДИК, Зоран Таневски вели дека рокот за приговори истекува 48 часа по завршувањето на гласањето. Четириесет и осум часа трае и рокот до кога комисијата треба да ги прифати или одбие жалбите.
Од друга страна, вчера ДУИ денот на изборите го оцени како ден на жалост, за партијата, за албанското општество и за демократијата во Македонија. Интегративците, денот на гласањето го сметаат за симбол на најостро силување на албанскиот глас и најавија дека ќе бараат прегласување во првата и шестата изборна единица. - Наместо да прогласиме победа, ние денеска ја споделуваме болката со семејството на Насер Ајвази, кој ќе биде запаметен како херој паднат во заштита на слободниот глас на граѓаните. Ја споделуваме жалоста со членовите на семејството, со жителите на Арачиново и Грушино и со сите Албанци каде и да се, рече портпаролката на партијата Ермира Мехмети. Таа ги обвини ДПА и припадниците на специјалната полициска единица Алфи за полнење на гласачки кутии и држење во заложништво на претставници на ДИК и на меѓународни набљудувачи во тетовското село Порој. ДУИ побара од Јавното обвинителство да отвори досие против ДПА и лидерот на партијата Мендух Тачи. ДПА, пак, убедена во добриот изборен резултат веќе ја прославува победата во албанскиот политички блок.
|