Три телевизии со национална концесија -„А1“, „Канал 5“ и „Алсат М“ - ќе им дадат големи попусти на партиите што ќе се рекламираат кај нив. Најголем попуст, од дури 90 отсто од редовната цена, најави дека ќе даде телевизијата „Канал 5“, а само телевизиите „Сител“ и „Телма“ се' уште не откриваат дали даваат попуст за партиски рекламни спотови.
А1-телевизија во ценовникот посочува дека „попустите ќе бидат утврдени во договорите што ќе бидат склучени со партиите“. Директорот Дарко Петрушевски вчера не беше достапен за да објасни колку точно ќе изнесуваат попустите. Телевизијата истакнала дека една секунда реклами пред ударните вести во 19 часот чини 100 евра, а по главната најава - 200 евра. Секунда реклами пред вестите во 16.30 часот чини 20 евра, по најавата 35, пред вестите во 23 часот - 40, а по најавата за тие вести - 55 евра. Емитување една секунда реклами во текот на фудбалски натпревар во рамките на т.н. „рез“ чини 160 евра. Месечен пакет за телевизиски спот од десет секунди, кој ќе се емитува четири пати дневно чини 1.000 евра, а од 209 секунди - 2.000 евра. Во телевизијата „Канал 5“ изјавија дека давањето дампинг-цени им е редовна пракса во однос на големите клиенти.Се' зависи од сумата што клиентот има намера да ја потроши за реклами. Попустот за партиите сега ќе биде од 10 до 90 отсто, бидјеќи не можеме да знаеме колкава сума ќе потрошат кај нас. Тоа не значи и дека ќе им дадеме попуст од 90 отсто - изјави Анита Калиникова, управител на „Канал 5“.Оваа телевизија утврди цена од 150 евра за секунда реклами пред и по вестите во 17 и во 19.30 часот, а 100 пред вестите во 23 часот. Максимална цена за една секунда емитување поединечни прилози изнесува 150 евра во вечерниот термин. Телевизија „Алсат-М“ најави дека најголемиот попуст што ќе го одобри е 70 отсто ако клиентот потроши над 70.000 евра. Кај нив, цена за една секунда реклами во терминот од 19 до 22.30 часот е 50 евра, а во сабота и во недела - 70 евра. Телевизија „Сител“ информира дека цената за емитување промотивни спотови од 17 до 24 часот е 200 евра за секунда. За една минута во истиот период за политичка презентација треба да се платат 4.000 евра.
|