Сите ТВ станици во Атина вечерва ја прекинаа програмата, емитувајќи го обраќањето на Караманлис, во кое коментира дека тоа што се случи денеска во Букурешт, мислејќи на ветото, било со цел Грција да ги заштити своите интереси.
Караманлис ги повика македонските власти на нови преговори под покровителство на ОН, а на грчкиот народ му порача да биде доследен надвор и да се здружи внатре. Земјата ќе стане членка на НАТО само ако сака да го реши проблемот со името, порача Караманлис, оправдувајќи ја одлуката на својата Влада за вето. Со тоа дека Грција последните месеци направила големи напори и надвор и кај своите партнери и сојузниците и дека не потклекнала на притисоците, Караманлис на некој начин му упати порака на Папандреу, велејќи дека Грција не им потклекнала на притисоците од кои некои се плашеле. „Нашата цел не е да бараме победници и губитници. Сакаме комуникација, сакаме решение кое ќе ја препознае чувствителноста на сите и ќе помогне во стабилизација на регионот“, рече Костас Караманлис, премиер на Грција. Сепак, Караманлис во изјавата тврди дека е свесен оти прашањето за името не завршува овде и оти има уште многу пат да се изоди, но дека Грција е горда за се што постигнала. Ќе има многу тешкотии на тој пат, но со многу обиди, рече Караманлис, ќе бидат решени и малите и големите проблеми. Сепак, не заборави да подвлече, упатувајќи ја пораката кон Македонија, дека не може да се оди на меѓународни настани и преговори без да се исполнат обврските. На крајот од својот говор Караманлис и се заблагодари на нацијата. Почнаа и првите анализи. Новинарите на ТВ Нет веќе прашуваат што денот потоа. Сметаат дека грчката страна ќе се обиде да ја затвори раната што денеска се отвори меѓу двете земји. Очите и понатаму се свртени кон Букурешт. Оттаму грчките медиуми постојано ги вклучуваат Караманлис и Бакојани. Тие не кажуваат ништо ново, освен што повторуваат кои биле причините за поставување на ветото.
|