|
Пред една деценија Балканот беше разурнат од војни, фанатизам и етничко чистење. Сега е регион што расте во слобода, толеранција и мир. Тоа е резултат на решителните мерки на НАТО и храбрите одлуки на балканските лидери, кои настојуваа да го победат насилството и разединувањата од минатото, рече Буш на отворањето на самитот. Во говорот американскиот Претседател нагласи дека НАТО во Букурешт ќе усвои историска одлука за членство на трите балкански држави - Македонија, Албанија и Хрватска.
„Утре НАТО ќе донесе историска одлука за прием на трите балкански нации: Хрватска, Албанија и Македонија. САД силно ја поддржуваат поканата за членство во НАТО на овие три нации“, изјави Џорџ Буш, претседател на САД. „Овие земји го поминаа тешкиот пат на реформите и изградија слободни општества. Тие се подготвени да придонесат кон НАТО и нивните граѓани ја заслужуваат безбедноста која ја носи НАТО“, рече Буш. „Со поздравувањето на новите сојузници на НАТО, ние исто така потврдуваме дека вратата за членство во НАТО останува отворена и за другите нации кои го бараат тоа, на Балканот и пошироко“, додаде Џорџ Буш.
|