Неколку десетици граѓани, главно млади луѓе, вчера протестираа пред македонското Собрание. Со знамиња, пароли и песни им испратија порака на пратениците за неменување на името.
„Да останеме цврсто на нашиот став, да не менуваме ништо и да не отстапиме под никакви притисоци од Грција, од Америка, од сите. Да излезат овде и да кажат јавно што се случува, таква порака им испраќање“, велат учесници на протестот. Многумина од нив, незадоволни од масовноста на протестот, се обидоа со сила да ги принудат минувачите да ги поддржат во изразување на незадоволството. „Тргни се, излези да протестираш“, му рече учесник на протестот на шофер на автобус. Собранието го обезбедуваа полицајци, се обидуваа да ги спречат демонстрантите да не влегуваат во конфликт со другите граѓани, кои не беа дел од протестот. Додека ова се случуваше пред Собранието, пред грчката канцеларија за врски имаше неколку транспортни возила на Единицата за брзо распоредување, но таму беше мирно. Она што ги вознемири грчките власти беа билбордите поставени низ Скопје, на кои што крстот на грчкото знаме е заменет со нацистичка свастика. Авторот со овие билборди сакал да ја промовира својата изложба, но Грците го сфатија како провокација и испратија демарш за Македонија. „Овој неприфатлив постер, којшто преку приватна иницијатива се појави на улиците во Скопје, директно ги навредува националниот симбол на нашата земја и нашата борба против фашизмот и нацизмот“, изјави портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи. Владата на Република Македонија се огради од билбордот. Владата на Република Македонија изјавува дека нема никаква врска со оваа манифестација и со овие билборди, а впрочем македонската Влада и досега никогаш не се мешала во слободата на изразувањето ниту, пак, на кој било начин влијаела врз уметничкиот израз на која било индивидуа или група. СДСМ побара разрешување на директорот на КИЦ. Во соопштението стои дека ја осудуваат постапката на Културно-информативниот центар, кој со поставување на билбордите со фашистичка содржина директно ја влошува позицијата на Македонија во период кога граѓаните очекуваат покана за влез во НАТО. Градот Скопје и Културно-информативниот центар се оградија, не биле запознаени претходно со содржината на билбордите. Веднаш по реакциите билбордите беа отстранети. 
извор: А1
|