Ова е детонацијата што одекна денеска во Албанија, а ја почувствуваа и жителите на соседните држави. Многу луѓе настрадаа, не се знае нивната конечна бројка. Официјално според државните органи, пет жртви се донесени во воената болница во Тирана, а една е најдена во селските згради.
Значи потврдени се шест мртви и 150 повредени“, изјави Ментор Назарко, новинар од Албанија. Експлозијата се случила помеѓу Тирана и Драч, во еден стар магацин, кој се наоѓа во селото Грдец. Во моментот на експлозијата, таму една американска компанија вршела деактивирање на мините кои биле складирани на четири подземни тунели од времето на режимот на Енвер Хоџа. „Зоните на главниот град не се загрозени, но штетата покажува дека ова е голема трагедија“, вели Сали Бериша, Премиер на Албанија. Болниците во Албанија се полни со повредени луѓе, многумина не знаат каде им се најблиските. Неофицијално, се претпоставува дека во деминирањето, биле вклучени три екипи од по 20-тина луѓе. Поради спорадичните експлозии, спасувачките екипи не можат да го контролираат потполно теренот. „Спасувачките екипи се повлечени, бидејќи се очекуваат нови експлозии. Немам идеја колкав е бројот на тие тунели. Се работи за тунели, за магацинска зона и како што можете да претпоставите, експлозиите се едно по друго и таа висока температура овозможува експлозии и на другите делови на магацинот, кои не биле претходно фатени од пожарот“, дедаде Назарко. Освен големиот број на човечки жртви, експлозијата предизвика и голема материјална штета во радиус од неколку километри. Албанските власти побараа помош за справување со оваа криза, а некои соседни држави, меѓу кои и Македонија, се пријавија да им излезат во пресрет.
|