Научниците со нетрпение ги очекуваат првите фотографии од сателитот на НАСА од планетата Меркур, што е прва посета на мистериозната мала планета од Сончевиот систем по 33 години.
Се очекува сателитот „Месенџер“ да испрати на Земјата околу 1.200 фотографии од површината на Меркур, како и податоци од мерните инструменти, за кои се смета дека би можеле да доведат до пресврт во научните сознанија за Сончевиот систем. „Сметам дека не очекуваат големи изненадувања“, изјави пред новинарите научникот Фејт Вилас, кој учествува во проектот. „Месенџер“ е предвидено да изврши мерење на минералниот и хемискиот состав на површината на Меркур, да испрати податоци за нејзината атмосфера и магнетосфера, како и податоци за магнетната опашка што планетата ја остава зад себе при нејзиното ротирање околу Сонцето. Сателитот ќе мине на височина од 200 километри над карпестата површина на Меркур. Според пресметките, предвидено е сателитот повторно да мине во близината на Меркур во октомври 2008 година, во септември 2009 и во 2001 година, по што се очекува „Месенџер“ да влезе во неговата орбита. Од лансирањето во август 2004 година, „Месенџер“ досега мина еднаш во близина на Земјата и двапати до Венера. Предвидено е до завршувањето на неговата шест и полгодишна мисија да мине 7,8 милијарди километри. Историското надлетување на Меркур предвидено за в понеделник е првото од 10 март 1975 година, кога „Маринер“ трипати ја надлета најблиската планета до Сонцето. „Маринер“ испрати податоци само од едната хемисфера на Меркур и тоа со далеку послаба апаратура за набљудување отколку што е случајот со „Месенџер“.
|