Пред скоро половина век, 150.000 скопјани останаа без покрив над главата поради катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 година. Во разрушениот град, скопјани ноќта ја поминаа на отворено небо. 54-годишниот скопјанец Никола Цветковски вели дека нема земја во светот што не ни помогна во повторна изградба на Скопје.
„Бараките што ни ги доделија 1965 година ги граделе Швеѓани. По другите населби, други. секоја држава фактички си имаше своја населба“, вели Никола Цветковски. Руските згради, шведските и финските бараки, поликлиника Букурешт се само дел од донациите со кои светските земји им помогнаа на скопјани да да започнат нов живот. Во знак на солидарноста 35 земји им ја подарија на скопјани Универзалната сала. Годинава пред платото на старата железничка станица на 25 јули ќе се отвори изложба со дела од германски автори. „По земјотресот се одржуваа и средби на солидарноста во Скопје, каде што доаѓаа луѓе од областа на културата и уметноста и на тој начин скопјани се обидуваа да се оддолжат за пружената солидарност“, изјави Јован Шурбаноски, директор на Музејот на град Скопје. Скопјани коишто сакаат да ја покажат својата благодарност за помошта која им била пружена, можат во сабота да даруваат крв во домот на АРМ. Цветковски вели дека помошта што пред 45 години пристигнала била преголема. „Доаѓаа од Црвен крст, по куќите одеа, каде што се сместени луѓето, по шатори. Се што треба носеа, немаше проблем за тоа“, вели Цветковски. Цветковски секоја прилика ја користи за да ги види старите куќи и да се потсети на минатото.
|