Во отсуство на опозицијата, владејачкото мнозинство воведе нови правила за функционирање на Собранието. По итна постапка, со 71 глас „за“ и ниту еден „против“ донесе нов собраниски деловник.
Освен ВМРО-ДПМНЕ, за него гласаше и ДУИ, која речиси за идентичен предлог пред неколку месеци имаше огромни забелешки и поднесе над илјада амандмани. Употребата на албанскиот јазик на сите нивоа, на која инсистираше тогаш Ахмети, не е предвидена со новиот деловник. Тој ќе може да се користи само на седниците и во работата на комисиите, но не и во нивното водење. „Ќе ја поддржиме оваа верзија, каде во суштина останува истата формулација за употребата на јазиците. Велам, ќе го поддржиме деловникот, бидејќи во блиска иднина очекуваме да се донесе и законот за употребата на јазиците во Република Македонија“, рече Рафиз Алити, ДУИ. Со новиот закон пратениците ќе можат да се пријават за говор само еднаш, и тоа само во првата минута од седницата. Ним ќе им биде дозволено да говорат 10 минути, а на координаторите 15. Опозицијата надвор од собраниската сала ваквите решенија донесени без консензус ги оцени како досега најгрубо силување на демократијата. Власта, пак, ги правдаше со неопходноста од пофункционално Собрание, еден од условите за добивање датум за преговори со Европската Унија.
|