По долга 20-месечна потрага, полицијата успеа да го уапси Ламбе Арнаудов. Поранешниот директор на ЕСМ денеска бил уапсен во неговиот дом во Охрид и веднаш префрлен во затворот Идризово на издржување казна затвор од четири години.
Арнаудов беше осуден, бидејќи како директор на ЕСМ, во времето на Владата на Љубчо Георгиевски, ја оштетил компанијата за милион евра, склучувајќи договори со фирмата „Блиф“. Парите Арнаудов ги префрлал на сметка на оваа фирма за катастарско премерување, а „Блиф“ никогаш не извршила никакво мерење на имотот на ЕСМ. Основниот суд за ова кривично дело му пресуди две години затвор, а Апелација му додаде уште две. По одлуката на судот, полицијата никако не можеше да го најде поранешниот директор на ЕСМ. Опозицијата повеќе пати посочуваше дека Ламбе Арнаудов слободно се шета по улиците на Скопје и Охрид, па дури и дека живее во зградата на премиерот Никола Груевски. По долгомесечна потрага, Ламбе Арнаудов од денеска ќе почне да ја издржува затворската казна. Затворската ќелија се уште го чека екс цариникот Драган Даравелски, осуден на седум години затвор, но и тој веќе долго време не е достапен за полицијата.
|