|
Зголемувањето на бројот на двојните инфекции на ХИВ и туберкулоза предизвика паралелна епидемија, што се шири во Субсахарска Африка, соопштија научниците од Форумот за истражувачка соработка за ХИВ.
Локалниот здравствен систем не може да ја запре паралелната епидемија, смета Форумот. Ситуацијата станува повеќе од алармантна по зголемувањето на стапката на оние кај кои веќе не делуваат лековите за туберкулоза во области со голема преваленца на ХИВ. „Половина од новите случаи на туберкулоза во Субсахарска Африка сега имаат и ХИВ инфекција“, изјави директорот на Форумот, Вероника Милер. Би-Би-Си јави дека ситуацијата во Кејп Таун е меѓу една од најлошите во Јужна Африка. Во една заедница во западен Кејп стопати е поверојатно дека дете ќе добие туберкулоза, отколку кој било во развиениот свет. Стефан Лаун, еден од истражувачите во Кејп Таун, изјави дека тестовите најчесто не можат да ја откријат туберкулозата пред да биде предоцна и здравствениот систем не може да ја совлада. „Без соодветен третман 90% од луѓето со ХИВ умираат по неколку месеци откако ќе заболат од туберкулоза“, изјави Лаун. Во сиромашните квартови во Африка, каде што луѓето живеат заедно во мали куќички, туберкулозата е многу распространета, се наведува во извештаите. Бидејќи ХИВ го уништува имунолошкиот систем, најмалку четвртина од популацијата во некои делови, не само што заболуваат од туберкулоза, туку и ја пренесуваат во други здрави средини. Туберкулозата не е непозната болест - околу 20% од светската популација ја носат во себе, но кај многумина болеста нема да се развие.
|