Девет лица се повредени, од кои две потешко, во четвртокот 15 минути пред полноќ во оружена престрелка во скопското село Радуша. Инцидентот се случил пред чајџилница во сопственост на М.С., а напаѓачите пукале со ловечка пушка, пиштол и автоматска пушка. Со две возила се паркирале пред чајџилницата и отвориле оган кон насобраните. Мета на нападот бил и дваесет и петгодишниот Басфорт Алити, син на Потпретседателот на ДУИ, Рафиз Алити, а дел од истрелите завршиле во околните куќи и дуќани.
Тој се здобил со повреди во градниот кош и нозете, а повредени се и Ф.Р. (51), Р.А. (54), З.Т. (46), Н.М. (47), М.Р. (53), Ј.Р. (44) и П.Ф.(36) исто така од Радуша, како и Сељам Салиу за кого постои сомневање дека е еден од напаѓачите. Дел од повредените се префрлени во Клиничкиот Центар, Градската и Воената Болница, а тројца од нив се пуштени на домашно лекување. Првичните информации говорат за политичка пресметка на активисти на ДУИ и ДПА од предизборниот процес, но и за нерасчистени долгови од минатото. Според портпаролот на МВР Иво Котевски, мотив за инцидентот е претходна нетрпеливост меѓу Алити и напаѓачите. -Не можат да се исклучат ниту политички мотиви, односно пресметки кои се случија во предизборниот период. Во неколку наврати меѓу нив веќе имало пресметки, изјави Котевски. Полицијата на местото на инцидентот пронашла 30 чаури, а сеуште се трага по напаѓачите. Потпретседателот на ДУИ Рафиз Алити вели дека неговиот син со никого нема нерасчистени сметки од минатото. -Не знам која е причината за нападот бидејќи мојот син во минатото не влегувал во конфликт со никого и не учествувал во инциденти. Напаѓачите се познати. Има многу очевидци кои во моментот на нападот биле во чајџилницата. Мојот син е погоден во градниот кош и нозете и во моментов се чувствува подобро, вели Алити. Претседателот на месната заедница, Зулќефи Саити вели дека тој заедно со уште деветмина очевидци веќе дале исказ во МВР. -Не сакам да прејудицирам меѓутоа не е исклучено да постојат политички мотиви за инцидентот, бидејќи деведесет отсто од присутните во чајџилницата се активисти или симпатизери на ДУИ. Очевидците дадоа исказ во МВР. Тие ги видоа напаѓачите. Мештаните велат дека напаѓачите биле со возила "шкода" и "југо". - Се приближија и застанаа од спротивната страна, на неколку метри од чајџилницата. Отворија оган од разновидно оружје и набрзо заминаа, велат жителите на Радуша.
|