Амбасадорските места во Индија и Израел е нова причина за кавга меѓу Министерството за надворешни работи и Кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. Откако во неколку наврати беше посочувано дека недоразбирањата и несогласувањата околу поставувањето на новите амбасадори меѓу претседателот Бранко Црвенковски и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски се надминати, вчера нова преписка меѓу институциите.
Од МНР вчера излегоа со информација дека Црвенковски одбил да ги потпише решенијата за именување на Петар Јовановски за амбасадор во Индија и Пајо Авировиќ во Израел. Според МНР тие се изненадени и зачудени од одлуката на Црвенковски да не ја одобри постапката за акредитирање на Јовановски и Авировиќ предлози кои Владата едногласно ги прифатила. "МНР чувствува потреба да ја информира јавноста, а воедно и да го потсети господинот Црвенковски дека уште пред објавувањето на предлозите за поставување амбасадори во Њу Делхи и Тел Авив, министерот Милошоски лично го информираше Претседателот, при што од страна на шефот на државата не беа изнесени никакви забелешки за именувањето на двајцата професионални дипломати за амбасадори" - стои во соопштението на Министерството испратено до медиумите. Понатаму стои дека тие не можат да ја разберат ваквата реакција на Црвенковски, затоа што таа била противречна на заложбите за професионална дипломатија. Тие го повикаа Црвенковски да го исправи ваквиот пропуст и да стави потпис на указите за акредитирање на професиналните дипломати за амбасадори на Република Македонија во Индија и Израел. Во Кабинетот на Црвенковски изненадени од ваквата постапка на АНР. Велат Црвенковски нема ништо против поставувањето на Авировиќ и Јовановски за амбасадори, туку против незапазувањето на законската процедура од страна на МНР. "Пред донесувањето на предлози од страна на Владата, според член 37 од Законот за надворешни работи, е нужна политичка консултација помеѓу министерот за надворешни работи и претседателот на државата. Во овој случај тој член не беше испочитуван и не беше запазена процедурата. Милошоски го извести претседателот на предлозите откако тие беа прифатени од Владата, иако пред предлозите да бидат усвоени од Влада требаше да има консултација меѓу Милошоски и Црвенковски" - велат од Кабинетот на претседателот. Извори од Кабинетот посочуваат дека пред 10-15 дена Милошоски телефонски го информирал Црвенковски дека Владата ги усвоила предлозите за амбасадори во Израел и Индија. Црвенковски во телефонскиот разговор, тврдат нашите извори, му посочил на Министерот дека пред Владата да ги усвои предлозите требало да има консултација со него. "На ова Милошоски му рекол - веројатно нема да има проблем за нив, ги знаете и двајцата дипломати" - тврдат извори од Кабинетот на Црвенковски. По ова завчера во претседателскиот кабинет пристигнал допис од МНР во кој се барало објаснување што станало со потпишувањето на решенијата за нови амбасадори. Од Кабинетот вратиле одговор назад во кој стоело дека решенијата не можат да бидат потпишани бидејќи законската процедура не е запазена и е прекршен член 37 од Законот за надворешни работи. Откако го добиле одговорот од Црвенковски, од МНР излегоа со соопштение дека претседателот не ги прифаќа Авировиќ и Јовановски за амбасадори во Израел и Индија.
|