Јапонската компанија Хонда започна со комерцијално производство на возило со погон на водород и струја, кое не испушта штетни гасови, наречено „Еф-Си-Екс Кларити“ (FCX Clarity). По конструкцијата возилото е седан со место за четири лица, испушта само водена пареа и ниту еден од гасовите што се сметаат за причина за глобалното затоплување.
Од Хонда велат дека возилото има два пати подобро искористување на енергијата во однос на хибридните возила на гас и струја и три пати подобро од возилата на бензин. Почнувајќи од месец јули, возилото ќе им биде испорачано на ограничен број купувачи во Калифорнија, а потоа и во Јапонија. Тие возилото ќе го изнајмат на период од три години по цена од 600 долари месечно. Хонда планира до крајот на оваа година, во Калифорнија и Јапонија, да испорача околу 20 возила, а во следните три години околу 200. Најголемите препреки со кои ќе се соочи новиот модел ќе бидат високата цена и малиот број на станици на кои енергетските ќелии може да се полнат со водород.
|